Friday, May 20, 2016

24вести ТРЕНД 15.05.2016 Комерцијална Ба?да

СЛУЖБЕНИЦИ НА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ЗАГЛАВИЛЕ БИЗНИСМЕНИ СО МИЛИОНСКИ СУМИ





Friday, May 6, 2016

НЕДОСОБРАНИ ДЕЛА - Автор Комерцијална Банда


БАНКАРСКИ РАБОТНИЦИ И БИЗНИСМЕНИ ИЗМАМНИЦИ СО КРЕДИТИ
Група од 36 лица и фирми заглавиле граѓани со милионски кредити
Пишува: Љубиша АРСИЌ
Транспаренси Интернејшенал“ во последните месеци има примено три пријави во врска со работењето на Комерцијална банка. Пријавите се однесуваат на кредити кои банката ги одобрува на свои клиенти, а потоа се користат за перење пари. Сите случаи ги поврзува тоа што граѓани биле вовлечени во криминален систем на прикриено кредитирање, позајмици, цесии со цел организирана група да профитира на штета на сопственици на фирми чии потписи и документација биле фалсификувани и злоупотребени. Во моментов Јавното обвинителство презема активности за да открие кои лица и кои компании стојат зад ваквите случаи кои потрврдуват отсуство на интегритетот во финансискиот сектор. Првично е утврдено дека вработени во банката стојат зад нечесните зделки. Случаите се многу слични и покажуваат како „наивните“ граѓани кои со право очекувале доверба од банката биле искористени од моќни фигури и како заглавиле со огромни кредити затоа што формално тие стојат зад кредитите, но парите не ги користеле, однсоно секогаш завршувале на други сметки, повторно по налог на главните играчи.
НАМЕСТО НОВ БИЗНИС, ЗАГЛАВИЛ СО КРЕДИТ ОД 250 ИЛЈАДИ ЕВРА
Пред 15 години, кога Војо Татабитовски Артник, како помлад, сакал капацитетот и енергијата да ги искористи во проширување на бизнисот се фатил на јадицата на измамничката група. Во една прилика, Кираца Трајковска од „Фершпед“ му се доверила дека заедно со странски инвеститор имаат намера да започнат нов бизнис во Скопје во областа на информатичката технологија, но со оглед на нејзината позиција во други компании, наводно таа не сакала да се експонира, па му предложила на Артник тој да застане на предводничката позиција. Нему, како што пренесува самиот, не му пречело во тоа време освен фирмата „Еурека“, исто така од областа на информатиката, да води уште еден бизнис.
Како започнува измамата? Трајковска ја користела релацијата со Саша Твртковиќ, вработен во Комерцијална банка, во дирекцијата за кредитирање. Неговата канцеларија била адресата на која бил испратен Артник со цел да се договори банкарски кредит. –Без да знам каков е бизнис планот за новата фирма, јас само ги потпишав подготвените документи затоа што прво имав доверба во Трајковска, а чесен и професионален пристап очекував и од банкарскиот службеник. Според договореното јас требаше да бидам управител, не сопственик. Затоа лесно ги потпишав сите документи кои практично значеа земање на првиот кредит, зборува Артник.
Затоа што новата фирма, за која сметал дека ќе му го прошири бизнисот, а не дека ќе го задолжи и денес, после измината деценија, уште да отплаќа кредит од кој не видел ни денар, не постоела како правен субјект, парите од кредитот легнуваат на сметка на „Еурека“. Како гарантор на кредитот се појавува „Фершпед“, преку документ што го обезбедила Трајковска и го доставила на банката. Но, само што биле исплатени парите и тоа 250 илјади евра, Артник бил задолжен од „Еурека“ да ги пренесе на сметка на фирма на Трајковска. Тоа и го сторил, но не знаел дека оттогаш парите ќе исчезнат, а тој ќе остане како должник на банката.
-Помина извесно време, но не се случуваше ништо, ги снема парите, а никој за ништо не ме известуваше. Ние се најдовме во ситуација во која не можеме да почнеме да го исплаќаме кредитот. Затоа морав да потпишам репрограмирање на кредитот за да се одложи плаќањето. Па потоа следуваше и второ репрограмирање, исто така договорено меѓу Трајковска и вработени во банката. Но, од нејасни причини ден потоа ми легнуваат нови 300 илјади евра, кои истиот ден најверојатно преку банкарски службеници, се префрлаат повторно на нивни сметки, а мене ми објаснија дека Трајковска ќе ги врати овие пари на четири рати, се присетува Артник.
Две од ветените четири рати му и биле дадени на „Еурека“, но не и вторите две. Иако не биле уплатени, сепак банката престанала да ги бара последните две рати, за потоа Артник да дознае дека кредитот е исплатен од страна на гаранторот „Фершпед“, а нему му се отвориле должничко- доверителски односи со компанијата која сега од него ги бара парите. Практично тој му должи на „Фершпед“ пари кои воопшто не завршиле кај него, ниту пак ги искористил. Сега неговиот долг е 200 илјади евра кон гаранторот, но си го има на товар и првиот кредит од 250 илјади евра.
Со оглед дека Артник потпишувал за едно, а потписите му се користеле за друго, односно за доделување кредит, кој тој воопшто не ни сакал да го побара, се обидел преку банката да стигне до документацијата за кредитот. –Ги барам документите кои се во прилог на барањето за кредит и не ми е јасно како банката не ми ги дава документите ако станува збор за мој кредит. Дури четворица од банката се потпишани на документот со кој Комерцијална банка ме известува дека не ми следуваат документите затоа што биле тајна. Потоа им испратив уште еден допис за да им укажам дека членовите на кои се повикуваат за да не ми ги дадат документите, или поточно во членот 112 од Законот за банки е наведено дека кога правно лице ќе побара документи треба да му се обезбедат, раскажува соговорникот на „Фокус“.
На овој втор допис Артник се уште нема одговор, но затоа пред неколку месеци поднел пријава до Финансиската полиција каде што е отворена истрага за случајот и за измамата која му ја сториле неговите соработници и банкарските службеници. Дури Артник сака да ангажира независна форензичка фирма од Словенија за да утврди преку ДНК метода дека никој од „Еурека“ немал контакт со документите за кредит.
-Архитект сум по професија, но последниве десетина години се чувствувам како роб затоа што и натаму ги исплаќам тие, првите 250 илјади евра, кои наместо да ми отворат нов бизнис ме заглавија во долгови, затоа што некој преку измама, ме искористил да профитира, а јас да плаќам рати за кредит кој ниту сум го побарал, ниту сум го користел, завршува со приказната Артник во надеж дека државните истражни органи ќе ги откријат виновниците и дека нему кога тогаш ќе му се вратат парите кои ги уплаќа на банката за измислен кредит.
ГО НАМАМИЛЕ ДА ИМ ЈА ПРОДАДЕ ФИРМАТА И ГО ЗАГЛАВИЛЕ СО КРЕДИТ
Во периодот кога Артник се понадевал дека ќе го прошири бизнисот одржувал пријателски релации со Ристо Муров, сопственик на „Мар компани“ и секако со Трајковска која го намамила на финансиска авантура. Затоа што Муров верувал во пријателството на Трајковска и Артник, а самиот тој имал добри односи со Артник, решил фирмата која се занимава со царинско застапување и транспорт да ја продаде на Трајковска која самата ја иницирала купопродажбата. Било договорено Муров да остане пет години вработен во „Мар компани“, а работниците по две. Во моментот наводно Трајковска немала 100 илјади евра за доплата на фирмата која ја купувала, па додека се одвивал процесот на промена на сопственичката структура, Муров останал потписник за „Мар компани“.
-Авторитетот што го имаше Трајковска врз мене го искористи да ме убеди наместо пари да ми даде стан кој ќе се плати со кредит преку „Шпаркасе“ банката кој ми го дадоа за пет минути, затоа што таа го договорила сето тоа со вработените, но со ветување дека таа како жирант ќе го исплати кредитот и така станот да биде компензација за нејзиниот долг кон мене. Практично тогаш сфатив дека Трајковска ме користи за земање кредити без да бидам свесен за тоа. Па така, сум потпишувал позајмици и кредити, а се што чудно ќе ми се појавеше на сметка морав да го префрлам на други сметки, разочарано зборува Муров.
Кога на Трајковска и се искомплицирала ситуацијата во „Фершпед“, односно не можела и понатаму да заложува имот за нови кредити таа го оставила Муров на цедило. Тој преку илустративен пример објаснува каква била шемата на инволвираните во криминалните измами.
-Еден ден отворам сметка и гледам дека имам пет милиони денари од фирма која не ја ни познавам. На телефон ми се јавува Саша Твртковиќ од Комерцијална банка со налог на кои фирми треба да уплатам пари како позајмица. Меѓу тие фирми беше и „Кубус“ на која и позајмив седум милиони денари. Дури лицето од банката, кое секако нема право да ми се јави, ми вети дека тие ќе му даделе наскоро кредит на „Кубус“ па ќе ми биле вратени парите назад, раскажува измамениот бизнисмен.
Поминале три месеци, а „Кубус“ немал абер да ја врати позајмицата на „Мар компани“, па Муров отишол кај Златко Тодоров, сопственикот на фирмата должник со намера да се објаснат околу позајмицата. Тогаш Муров дознава дека Тодоров нема поим за никаква позајмица и за никаков кредит кој требало да го добие од Комерцијална банка, како што Твртковиќ го уверувал Муров. Соочен со измамата Муров заминува налутен кај банкарскиот службеник, кој пак на помош ја повикал Трајковска за на крајот да одлучат дека „Мар компани“ треба да го тужи „Кубус“. Така оваа измамничка група ги вплеткувала фирмите во комплицирани ситуации без тие да сакаат и да имаат намера. Но, со оглед дека сакале да им опстојат фирмите морале да започнат со исплата на кредити и позајмици, иако некој друг им ги подметнал.
-Сега јас отплаќам еден кредит од 25 илјади евра, иако парите завршија во фирмите на Трајковска, а не кај мене. Тоа е принципот на оваа криминална група- иако немаме договори за позајмици, немаме побарано кредити затоа што не ни требале, сепак заглавени сме во долгови. Ова практично значи дека некој не измамил, а дополнително правел кривични дела со нашите податоци во банката, па дури и обезбедувал гаранции преку „Фершпед“ без да знаеме, завршува Муров со очекување дека конечно некој ќе им застане на патот на измамниците.
ОБВИНИТЕЛСТВОТО Е НА ТРАГА ДА ОТКРИЕ СЕРИОЗЕН МИЛИОНСКИ КРИМИНАЛ
Списокот на измамени фирми е подолг. Постојано во Финансиската полиција стигнуваат нови пријави од граѓани и сопственици на фирми кои се втурнати во кругот. Тие самите тоа го нарекуваат систем на позајмици кои служат за туѓи потреби. Но, како Златко Тодоров од „Кубус“ поднесува пријава во МВР? Кога Муров му пристапил со цел да го праша кога ќе му ја врати позајмицата, нему му паднало нешто сомнително. Тогаш сфатил дека Комерцијална банка, односно некои вработени нешто „матат“. Нејасно му било како Твртковиќ од банката го уверубал Муров дека му треба позајмица, а потоа ќе му даделе кредит за да ја врати. Налутен од таквата постапка на банката Тодоров поднел пријава во МВР.
Инаку, во случајот со „Кубус“ фирмата побарала кредит за градежни материјали. Комерцијална го одобрила, но наместо побараните 150 милиони денари, му доделила 400 милиони. Разликата, како што тврди Тодоров, без да знаат во „Кубус“ била префрлена на фирми, соработнички на банката.
-Ова значи дека моите потписи ги користеле, како и мои документи за самите да си ги префрлаат парите. А потоа кредитот останува на мене. Управата против перење пари има утврдено дека фирмите кои сега се под истрага и се осомничени дека учествувале во измамите ги користеле парите за затворање на свои кредитни потреби и затворања на побарувања од фирми кои подоцна одат во стечај. Така и овие пари кои прво ми ги префрлиле мене потоа како позајмица заминале кај други фирми, а ние сме немале поим за тоа, вели Тодоров.
Практино, сите кои и верувале на банката сега се измамени. За случаите знае и Народната банка, која има механизми и обврска да врши контролаврз работата на банките, но и Јавното обвинителство кое не смее да премолчи. Таму се наоѓа поднесената кривична пријава од страна на МВР против 36 лица и фирми, учесници во злосторничкото здружение. Според пријавата на МВР, Саша Твртковиќ, Кир Aца Трајковска, Кочо Моцан, Коста Младеновски, Фершпед, Макошпед, Технометал Вардар, Лотарија на Македонија... во текот на седум години организирале доделување на кредити кон оштетените фирми, кои кредити биле доделувани под влијание на злосторнички здружените членови преку Комерцијална банка, Охридска банка, Уни банка и Инвест (Шпаркасе) банка со намера некои здруженија да се стекнат со криминални средства. Затоа биле создавани системи со позајмици и заеми, како и фиктивни должничко- доверителски односи.
Сега ќе се прави вештачње за да се откријат сите релации меѓу банката и фирмите и вклучените лица и да ги процени штетитите за измамените фирми. Клучното ќе биде да се открие како се одобрувале кредитите и кој ја фалсификувал документацијата? Сепак претходно ќе мора назначениот вештак Кире Костов да биде изземен од процесот затоа што претходно бил втор извршен директор во „Доматти“ од Свети Николе, а таа фирма е на листата осомничени. За ова е известена Антикорупциската комисија, коај се уште не се изјаснува.
И ПОЛИТИЧКИ ФУНКЦИОНЕРИ ВПЛЕТКАНИ ВО ПРИКРИЕНОТО КРЕДИТИРАЊЕ
Сите овие случаи се пријавени и во невладината „Транспаренси Интернејшенал“ која ги следи ваквие случаи со пријавувачи на кривилни дела. Уште еден случај со кредит од Комерцијална банка има пријавено Мито Митановски од Кичево. Тој ја купил фирмата „Тане Целевски“ во фаза на стечај, комплетно со целиот имот. Тоа се покажало како добра шанса за локалните моќници да го изиграат Митановски. –Поранешниот градоначалник на Кичево, Владимир Толевски, на Вранештица, Ванчо Србаковски, професорот во Охрид, Софроние Миладиновски и уште неколкумина други ме намамија да подигнеме кредит за да ја рестартираме фирмата која ја купив. Под хипотека ги ставив сите погони и недвижности, но наместо јас да управувам со парите од кредитот тие завршуваат на сметка на фирмата „Металика“ која е тогаш формирана од страна на посочените лица. И тоа кредитот изнесува милион и 400 илјади евра. Значи „Металика“ побарува кредит, а јас оставам залог на банката. На тоа ме примораа локални насилници помогнати од полицијата кои ми се закануваа и ме уценуваа, а јас морав да потпишувам се што ќе ми кажеше, го пренесува Митановски личното искуство.
Потоа следува познатата игра. „Металика“ не го враќала кредитот, но затоа правела анекси и го проширувала, прво за основни средства, после за обртни, без да знае Митановски, и стигнале до кредит од 2 милиона евра. Логично е дека Комерцијална банка ја активирала хипотеката и го одзела целиот имот на Митановски. Иако под хипотека биле само градежните објекти, сепак тој останал и без опремата и залихите, за кои тврди дека вредноста им била над 3 милиони евра.
-Имаше времена мерка за забрана за оттуѓување на имотот и тоа потврдена од Апелациониот суд, но камиони без регистрации, инспектори со некакви значки, многубројни обезбедувачи и насилници, упорно ја изнесуваа опремата. Јас морав да поднесам тужба против „Металика“ и Комерцијална банка за нанесената штета затоа што хипотеката не се однесува на движниот имот. По мое барање дојдоа преставници на банката да извршат контрола на терен и наводно заклучиле дека целата опрема е таму што не е точно, се жали Митановски.
Откако Комерцијална станува сопственик на имотот на Митановски го издава под кирија на братот Србаковски, управителот на „Металика“. Во однос на поднесената тужба се уште нема исход на повидок затоа што со години процесот се одложува што само потврдува дека во шемата со банкарските кредити се вмешани многумина од државните институции, па дури и судството.
Практично, крајот на истрагата најверојатно ќе покаже дека преку измамените фирми се вршело прикриено кредитирање на други. И за тоа банките морале да знаат. Со прикриеното кредитирање пак, се покривале други дупки во фирми, кои потоа свесно биле носени во стечај. Дел од таквите фирми имаал државен удел во капиталот и затоа има сомнежи дека и државата е оштетена со стотици милиони ерва.